наши активности

„Наша гордост. Наша одговорност“ 2024

17.10.2024

Активности

Година на влијание, заедништво и заштита на животната средина

Во 2024 година, CSR платформата на СКОПСКО, „Наша Гордост. Наша Одговорност.“ се покажа како вистински пример за силата на заедничката акција во заштитата на природните богатства на Македонија. Низ целата година, СКОПСКО организираше значајни еколошки иницијативи кои ги обединија граѓаните, ја зголемија свеста и донесоа конкретни резултати во борбата за почиста и одржлива иднина. Од големи акции за чистење до иновативни програми за селектирање и рециклирање, овие иницијативи допреа до сите, мобилизирајќи ги и инспирирајќи ги граѓаните да преземат одговорност за животната средина.

Реализирани две големи акции за чистење на Охридското езеро и неговото крајбрежје

Во јуни, СКОПСКО ја организираше првата акција за чистење на брегот и дното на Охридското Езеро. Во акцијата учествуваа над 170 волонтери и нуркачи кои успешно собраа над 120 кубни метри цврст отпад, придонесувајќи кон почиста средина.

Во октомври се одржа втората голема акција за чистење, фокусирана на отстранување на „мрежите духови“ – напуштени рибарски мрежи од дното на Охридското Езеро. Со помош на нуркачкиот клуб Амфора, беа отстранети над 3.800 метри мрежи кои претставуваа закана за екосистемот на езерото. Оваа акција беше значаен чекор за заштита на биодиверзитетот и уште една важна активност на платформата „Наша Гордост. Наша Одговорност“.

Зелени поени како поттик за селектирање

СКОПСКО воведе промотивна акција преку апликацијата Екомак – ПОЕН ЗА ТЕБЕ, ПОЕН ЗА ПРИРОДАТА!, каде граѓаните добиваа плус 4 зелени поени за секоја селектирана амбалажа. Програмата започна на новите вендинг машини кои за првпат беа поставени во Охрид и Струга

Во првиот бран од 1-15.08 и вториот бран од 26.08-30.09 беа собрани повеќе од 120.000 парчиња амбалажа. По иницијалниот старт на програмата, истата продолжи низ целата држава. Програмата ја поттикна јавноста активно да се вклучи во зачувувањето на животната средина.

Инфлуенсерите како дел од акциите

СКОПСКО ја искористи моќта на социјалните медиуми за да ја пренесе пораката за одржливост до пошироката јавност. Во текот на кампањата се соработуваше со локални инфлуенсери, кои ги користеа своите платформи за ширење на свеста за важноста на рециклирањето и одговорноста кон животната средина. Инфлуенсерите објавуваа едукативни содржини и видеа за стаклената амбалажа, намалување на отпадот и учество во акциите за чистење, што помогна да се привлече поширока публика, што особено се потврди како успешно кај младата публика.

Она што остана како незаборавен момент од инфлуенсерската кампања беше виралното видео на стендап комичарот Никола, во кое во улога на сомелиер го оценуваше квалитетот на Охридското езеро. Овие соработки ги охрабрија и поттикнаа директно учество на граѓаните, што придонесе за вкупниот успех на иницијативите.

Погледни го видеото

Едукацијата како дел од платформата

Покрај организирање на свои акции, СКОПСКО исто така обезбеди поддршка за локални организации и поединци, со цел да се прошири опфатот на кампањата низ целата земја.

Платформата „Наша Гордост. Наша Одговорност.“ оваа година исто така вклучи едукативни текстови за природните и културни обележја на Македонија, со цел да се подигне јавната свест за зачувување на наследството. Организирани беа и неколку едукативни сесии за управување со отпад и рециклирање.

„Резултатите од оваа година покажуваат дека можеме да направиме вистинска разлика кога работиме заедно“, изјави Марта Завкова, сениор бренд менаџер на СКОПСКО. „Посветени сме на продолжување на оваа иницијатива и обединување на граѓаните и организациите во стремежот за одржлива и зелена иднина.“

СО КЛИКАЊЕ НА КОПЧЕТО “Прифати ги сите колачиња”, СЕ СОГЛАСУВАТЕ СО УСЛОВИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ на КОЛАЧИЊА И ПОЛИТИКАТА нА приватност.