наши активности

ЗАПОЗНАЈ ГО НИКОЛА ПАСКАЛИ

11.5.2023

Интервјуа

Дипломиран археолог, нуркач и активист за заштита на Охридското Езеро

Неразделен од езерото и својата нуркачка опрема, Никола Паскали, е прав пример за еколошки активист и вистински борец за чиста еколошка средина. По професија е дипломиран археолог и е еден од партнерите со кои СКОПСКО соработува при имплементирањето на кампањата #НашаГордостНашаОдговорност. За да дознаеме што е она што го инспирира да продолжи со борбата за подобра и почиста иднина, како и кои се начините за заедно да придонесеме за неа, си направивме краток муабет, кој ви го пренесуваме во продолжение.‍‍


1.    Кога прв пат решивте дека наместо да стоите на страна, ќе се посветите на намалување на отпадот и едукација на луѓето?

Уште на првата обука за нуркање научив дека сум само гостин во водата и дека треба го почитувам, но и посветено да го чувам сѐ она што се живее таму. Почнувајќи од природата, преку живите организми, па сѐ до културното и археолошко наследство. Тогаш одлучив дека ќе сторам сѐ што можам за да направам разлика.

2.    Ја паметите ли вашата прва акција, без разлика колку голема или мала била?

Да. Првата еколошка акција која ја објавив на социјалните мрежи ја направив на изворите кај Св.Наум, каде забележав огромно количество отпад во една една така убава и чиста средина. Од таму извадив куп пластични шишиња, амбалажа, пластични канти и сл.

3.    Отприлика, колку акции сте направиле до сега?

Искрено не ги бројам. Тоа стана мое секојдневие. Секоја прилика кога ќе забележам ѓубре на несоодветно место, во истиот момент го собирам и фрлам во канта, додека поголемите акции ги планирам однапред.

4.    Иако не постои отпад што припаѓа во природата, во вашата богата кариера сигурно сте наишле на чуден предмет кому не му е местото таму каде што е оставен. Кое е најнеобичното нешто што сте го нашле исфрлено во езерото?

Сум наоѓал разноразни предмети, и под вода, и на крајбрежјето. Од обувки, наочари, играчки, кои најверојатно се ненамерно паднати во вода, до апарати за домаќинство,автомобилски гуми, градежен шут, кои очигледно се фрлени со намера. Сепак, како најнеобично нешто што би издвоил е кадата.

5.    Која е крајната цел што сакате да ја постигнете со вашето дејствување?

Да им го претставам на луѓето она што не можат или пак одбиваат да го видат, а постои. Да ги поттикнам и да ги инспирирам да се самоорганизираат и да делуваат, за сите заедно да живееме во почиста и поздрава животна средина.

6.    Како треба да се реагира доколку видиме некој што неодговорно расфрла отпад таму каде што не му е местото?

Нормално и смирено, да му дадеме опомена дека природата не е контејнер за ѓубре и да му укажеме дека постојат соодветни места за одложување на различни видови отпад.

7.    Колку е тешко да се промени менталитетот и навиките на Македонците?

Тешко е, но со вредна работа и искрена посветеност може да се влијае врз подигање на еколошката свеста на повисоко ниво преку едукација и презентација на позитивни примери од светот.

8.    Каков е ентузијазмот кај луѓето за вклучување во чистачките акции?

Добра вест е тоа што ентузијазмот е сѐ поголем, особено кај помладите. Имаме многу еколошки здруженија и волонтери кои даваат сѐ од себе и се трудат да помогнат што е можно повеќе.

9.    Како можат да се вклучат во вашите иницијативи и да станат дел од вашата организација?

За секојдневни мини акции треба секој сам да делува, додека за поголеми еко акции секој може да се приклучи во нашиот тим, со предуслов да има искуство со нуркање.

10. Во контакт сте и сте соработувале со многу европски и светски организации и клубови за заштита на природата, па има ли некои практики и примери што веќе се употребуваат во светот, а може да се спроведат и кај нас?

Има многу практики и идеи кои може да ги применуваме и употребуваме кај нас. Само еден пример е кауцијата за пластични шишиња. Според мене, тоа може многу да помогне во намалувањето на пластичниот отпад. Друго решение, за кое вреди да се размисли, иако е тешко за имплементирање е целосното исфрлање на пластичната амбалажа од употреба и нејзина замена со повратна стаклена амбалажа.

11. Кои се факторите што најмногу влијаат за неодговорното одлагање на отпадот?

Слабата економија, недоволната едукација и префрлањето на надлежностите, во комбинација со минималната комуникација помеѓу институциите кои треба да го решаваат и се најмногу засегнати од овој проблем.

12. Верувате ли дека со вашите акции ќе придонесете за зголемување на свеста кај луѓето и институциите?

Не само што верувам, туку и секојдневно го гледам тоа.

13. Како да се мотивираат луѓето за да се вклучат во што поголем број во акциите за чистење?

Со организирање на интерактивни настани, како и преку презентација на вистинската состојба и правата слика за загаденоста на природата.

14. Според вас, кои се чекорите што институциите треба да ги преземат за да направат осетлива промена, а кои пак граѓаните?

Спроведување на законите кои ги имаме, вклучување на организациите и граѓаните во сите процеси, навремено известување за активностите кои се преземаат. Граѓаните е доволно само да бидат совесни и да го одлагаат отпадот на местата што се предвидени затоа. Но пак сѐ се сведува на тоа дека државата треба да обезбеди услови.

15. Дали некогаш губите надеж за промена?

Понекогаш доаѓа до разочарување, но секогаш наоѓам мотивација и инспирација да продолжам понатаму.

16. Што мислите за иницијативата на СКОПСКО, #НашаГордостНашаОдговорност?

Одлична иницијатива, огромна промена. Кампања која допира до сите граѓани и служи за пример на останатите приватни компании.

17. Која е вашата порака до граѓаните за крај?

Чувајте ги природните и културни богатства, затоа што од нашите постапки денес зависи во каква животна средина ќе живеат идните генерации.

 

Вклучи се во иницијативата за чисто Охридско Езеро и стани дел од нашите следни чистачки акции на овој линк - https://www.skopsko.mk/form или дознај како можеш да направиш промена тука - https://www.skopsko.mk/promena

СО КЛИКАЊЕ НА КОПЧЕТО “Прифати ги сите колачиња”, СЕ СОГЛАСУВАТЕ СО УСЛОВИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ на КОЛАЧИЊА И ПОЛИТИКАТА нА приватност.